Народната банка започнува со СЕПА плаќања

Гувернерот на Народната банка (НБ), д-р Трајко Славески, и претставници на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак и Антонио Аргир, потпишаа договор за соработка кој овозможува Народната банка да започне со оперативни плаќања преку платниот систем СЕПА (SEPA – Single Euro Payments Area).

 

Почнувајќи од 9 декември 2025 година, државата и државните институции ќе можат да вршат и примаат средства во евра согласно стандардите на СЕПА, што ќе овозможи трансакциите да бидат побрзи, побезбедни и со значително пониски и фиксни надоместоци.

 

Оваа операционализација директно ќе доведе до големи заштеди:

 

Надоместокот за електронските налози ќе изнесува 3 евра, а за хартиените налози 5 евра, за разлика од досегашните просечни трошоци од околу 14 евра за плаќање преку кореспондентни банки.

 

Сите приливи преку СЕПА ќе се наплатуваат 3 евра.

 

Со оглед на тоа што 80% од вкупните одливни плаќања и 90% од вкупните приливи на државата се во евра, пониските надоместоци директно ќе генерираат поголеми заштеди за буџетот.

 

Гувернерот Славески истакна дека со овој чекор, Народната банка, покрај регулаторната и надзорната улога, ја потврдува и својата оперативна улога во обезбедувањето подобри и поквалитетни услуги за државата и државните органи во извршувањето на прекуграничните плаќања.

 

Блаж Бродњак, претседател на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, изрази чест што се избрани за банка одговорна за обработка на овие плаќања, посочувајќи дека ова достигнување е значаен чекор кон подлабока интеграција со платниот систем на Европската Унија и ја поддржува пошироката цел за интеграција во ЕУ.

 

По пристапувањето на земјата кон СЕПА, кое веќе овозможи поевтини и побрзи плаќања во евра за граѓаните и компаниите, Народната банка како банкар на државата сега им овозможува и на државните институции да ги користат придобивките од СЕПА во трансакциите со четириесетте земји членки на платниот систем.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.