Скопската новогодишна прослава годинава ќе помине без огномет

Иницијативата на граѓанската платформа „Зелен хуман град“ за празници без пиротехника вроди со плод, откако градоначалникот на Општина Кисела Вода и актуелен претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави дека на претстојната прослава нема да има организиран огномет. Од платформата велат дека ова е резултат на силен институционален притисок преку нивниот советник Марјан Калевски, но и на големата поддршка од граѓаните кои масовно се приклучија во кампањата.

 

Иако го поздравуваат овој потег, од „Зелен хуман град“ нагласуваат дека ваквите одлуки не смеат да зависат од дискреционото право на поединци, туку мора да бидат законски регулирани. Тие инсистираат Собранието итно да усвои измени со кои експлицитно ќе се забрани употребата на огномети и секаква пиротехника, како на отворен, така и на затворен простор.

 

Според активистите, прославата без огномет е значаен чекор за заштита на најранливите категории граѓани, намалување на дополнителното загадување на воздухот и спречување на огромниот стрес кај животните, кои често страдаат поради силните детонации. Тие потенцираат дека неколкуминутна забава не смее да биде поважна од етичкиот однос кон околината и здравјето на сограѓаните.

 

Истовремено, платформата упати апел до Министерството за внатрешни работи да биде на висина на задачата и да ги санкционира несовесните поединци кои на своја рака користат пиротехнички средства. Од „Зелен хуман град“ ја искористија приликата да ги повикаат граѓаните на поддршка за нивното официјално етаблирање како зелена политичка партија, со цел да се зголеми моќта за воведување на вакви суштински промени на ниво на целата држава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.