Воспоставена е директната авиолинија Скопје – Прага: Реализирана иницијатива за подобра бизнис-поврзаност

Со првиот лет, официјално е воспоставена новата директна авиолинија меѓу Скопје и Прага, што претставува значаен чекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните на Македонија. На настанот по повод воведувањето на линијата, се обратија министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, како и претставници на авиокомпанијата Wizz Air.

 

Министерката Божиновска, во својство на претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, информираше дека иницијативата за оваа директна авионска врска била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок одржан во Прага во март оваа година, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата. Таа нагласи дека воспоставувањето на линијата е резултат на јасна визија и конкретна иницијатива, а не случаен потег.

 

Божиновска истакна дека оваа авиолинија претставува реална врска меѓу две економии, два пазари и две општества, додавајќи дека поврзаноста е клучен предуслов за развој. Споделувајќи лично искуство, министерката потсети дека од 2005 до 2012 година постоела директна линија и дека знае колку таа значи за животот, бизнисот и секојдневната комуникација меѓу луѓето. Таа нагласи дека уште од првиот ден како министерка силно се залагала за продлабочување на врските меѓу двете земји.

 

Директната линија Скопје – Прага се очекува да придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови. Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу ТАВ Македонија и Wizz Air, оценувајќи ја како пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.