Над 5,5 милиони евра грантови и 265 нови работни места

Програмата „ЕУ за Економски Раст“ (EU4EG), финансирана од Европската Унија, вчера го одбележа своето официјално завршување со голем саем на претпријатија во кој учествуваа над педесет микро, мали и средни претпријатија, стартапи, акцелератори и креатори на политики. Проектот зад себе остава значителни резултати, поддржувајќи над сто компании од Полошкиот, Североисточниот, Југозападниот регион и Ресен да ги дигитализираат и озеленат своите практики и да освојат нови пазари.

 

Во текот на своето траење, EU4EG додели грантови во висина од над 5,5 милиони евра на МСП и стартапи, што резултираше со формирање на 37 нови компании и отворање на 265 нови работни места, од кои голем дел во економски ранливи региони. Посебно се истакнува просечното зголемување на перформансите кај поддржаните компании од 30%, што е значително повеќе од првичната цел од 10%. Дополнително, на пазарот се појавија 129 нови производи и услуги, доказ за силната иновативна енергија на домашниот приватен сектор.

 

Амбасадорот на ЕУ, Михаелис Рокас, истакна дека резултатите ја потврдуваат посветеноста на ЕУ кон градење модерна, конкурентна и зелена економија во Северна Македонија. „Веруваме во потенцијалот на Северна Македонија. Европската унија останува сигурен партнер и ќе продолжиме да инвестираме во луѓето, во идеите и во регионите што го движат овој напредок“, изјави амбасадорот Рокас.

 

Проектот, кој беше имплементиран од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и АРЕА научниот парк од Трст, Италија, поддржа компании во различни сектори – од производство и земјоделство, до рециклирање, ИКТ и циркуларна економија.

 

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека Министерството ќе обезбеди институционален континуитет за да може создадената инфраструктура да живее и по завршувањето на проектот. „Наша задача е да обезбедиме континуитет за оваа инфраструктура да продолжи да живее и по завршувањето на проектот. И во иднина, продолжуваме со поддршката за развој на акцелератори, поддршката за младите иноватори и создавање економски силни региони“, рече министерот Дурмиши.

 

Заменик амбасадорот на Германија, Јан-Аксел Вос, потврди дека германската поддршка продолжува, нагласувајќи го мандатот за изработка на студија за макроекономската состојба и препораки за подобрување на климата за странски инвестиции. Програмскиот координатор на GIZ, Марк Барет, изрази гордост за МСП и стартапите кои успеале да иновираат, инвестираат и растат преку техничка и финансиска поддршка од проектот.

 

EU4EG зад себе остава зајакнати институции, поагилен претприемачки екосистем и мрежа на акцелератори и поддржувачки организации кои веќе обезбедуваат одржливи услуги.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.