Побрзи, поевтини и посигурни: Македонија од СЕПА кон инстант плаќања за европска интеграција

Приклучувањето на земјата кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) претставува историски чекор кон модерна, безбедна и европски интегрирана платежна инфраструктура, оценува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во својата колумна за Билтенот на Македонската банкарска асоцијација. Гувернерот нагласува дека СЕПА е „суштинска трансформација, а не само техничка промена“, која веќе носи конкретни придобивки за граѓаните и компаниите преку побрзи, поедноставни и значително поевтини трансакции во евра.

 

Од 7 октомври, девет домашни банки веќе вршат кредитни трансфери преку СЕПА, а се очекува до крајот на годината да се приклучат вкупно десет банки. Директната корист од ова членство е драстичното намалување на надоместоците за плаќањата. Како пример, за трансакција од 500 евра, граѓаните сега плаќаат околу 4 евра наместо претходните 25 евра, додека деловните субјекти за трансфер од 20.000 евра, наместо околу 80 евра, сега плаќаат помалку од 10 евра. Овие промени генерираат годишни заштеди од околу 20 милиони евра на ниво на целата економија, а времето за извршување на плаќањата е скратено од неколку дена на најчесто помалку од два часа.

 

По успешното приклучување кон СЕПА, следната стратегиска цел е воспоставување на системот на инстант плаќања, кои ќе се извршуваат за само неколку секунди, 24 часа на ден. Народната банка, во соработка со централните банки од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, работи на заеднички регионален систем за инстант плаќања заснован на европската платформа ТИПС на Банката на Италија. Крајната цел е создавање интероперабилен платен простор меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, што ќе овозможи брзи плаќања во денари во земјава, подобар обрт на средствата за фирмите, пониски трошоци за прекуграничните трансакции и инстант пристигнување на дознаките во евра.

 

Во периодот што следува, модернизацијата на платниот систем ќе биде насочена кон целосно искористување на новата инфраструктура, дигитализација на плаќањата, намалување на употребата на готовина и дополнително усогласување на регулативата со европските стандарди. Со ова се обезбедува поголема транспарентност, иновативни услуги, фер конкуренција и повисока заштита на корисниците. Гувернерот Славески нагласува дека модернизацијата на плаќањата е инвестиција во конкурентноста на економијата, но додава дека „зад секоја технологија мора да стои довербата, како во системот и во институциите, така и во стабилноста на валутата“.

 

Реформите во платниот систем се вложување во подобар стандард на граѓаните, поефикасно работење на компаниите и посилна, европски интегрирана економија, отворајќи ја вратата кон иднина во која секој трансфер е брз, сигурен и достапен.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.