УЈП: Исплатата на „МојДДВ“ продолжува, технички проблем го забави повратот
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 01 Декември 2025
Управата за јавни приходи (УЈП) ја информира јавноста дека процесот за поврат на средствата од мерката „МојДДВ“ за скенираните сметки од третиот квартал на 2025 година не е прекинат, ниту пак откажан. И покрај доцнењето, УЈП уверува дека сите средства кои им следуваат на граѓаните ќе бидат исплатени.
Како што појаснуваат од Управата, во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појавил технички проблем кој наложил целосна преработка на податоците. Имено, доколку во еден ист платен налог (пратка) се појави дури и само еден корисник кој извршил промена на банка или трансакциска сметка, целиот налог системски се враќа и исплатата не може да се реализира кон сите корисници кои се дел од таа група.
Надлежните служби веќе го идентификувале овој предизвик и интензивно работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани.
За корисниците чии податоци се валидни и потврдени, исплатата е веќе во тек. За останатите, УЈП нагласува дека средствата ќе бидат реализирани веднаш штом заврши техничката преработка на проблематичните налози.
Од Управата апелираат до граѓаните: Доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да ги ажурираат податоците во системот „МојДДВ“. Со навремено ажурирање ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата кон сите корисници.
Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата од „МојДДВ“ сигурно ќе бидат исплатени, уверуваат од УЈП.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












