Енергетиката мора да биде простор каде жените се правило, а не исклучок: Божиновска за родовата еднаквост во ЕУ интеграцијата

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на конференцијата „Родовата еднаквост во фокусот на пристапувањето кон ЕУ: Патоказ за Северна Македонија“, организирана од Министерството за европски прашања и UN Women. Настанот во Скопје обедини високи претставници и експерти со цел интегрирање на родовата еднаквост како централна компонента на европската интеграција.

 

Министерката Божиновска истакна дека родовата рамноправност е темелна европска вредност и јасен услов за членство во ЕУ, но пред сѐ – инвестиција во стабилноста, економскиот раст и одржливата иднина на државата.

 

„Европа јасно стави до знаење дека еднаквоста не е избор, туку стандард. А ние тој стандард го прифаќаме затоа што веруваме во држава без привилегирани и непривилегирани граѓани“, нагласи Божиновска.

 

Таа потсети дека енергетиката, како стратешки сектор и столб на европската интеграција, останува област со најниско учество на жени, што претставува пречка за успешно водена зелена транзиција. Според неа, жените се најмалку застапени во техничките професии, енергетските иновации и лидерските позиции, што е ограничување кое мора да се надмине за да се постигне модерна и конкурентна економија.

 

„Рамноправноста не се случува сама од себе – таа се гради. Во сектор како енергетиката, каде жените често мора двојно да се докажуваат, моја обврска како лидер е да ја отворам вратата за други жени. Ако институциите создадат фер правила и јасни можности, талентот ќе се истакне“, порача министерката.

 

Како доказ дека институциите можат да бидат двигател на еднаквоста, Божиновска го истакна фактот дека Министерството за енергетика денес е институција со целосен родов баланс – 50% жени и 50% мажи.

 

Беше најавено дека принципите на еднаков третман, еднаква плата, недискриминација и родово вклучување ќе бидат интегрирани во сите клучни енергетски реформи. Министерката ја поздрави и соработката со UN Women и изработката на десетте родови GAP анализи, кои ќе бидат основа за нови политики засновани на докази.

 

„Зелената транзиција нема да успее ако половина од населението остане надвор од процесот. Европа гради систем во кој секој добива шанса да придонесе – и ние мора да бидеме дел од таа визија“, подвлече Божиновска.

 

Конференцијата заврши со повик за засилена координација меѓу сите чинители и со заедничка оценка дека Северна Македонија има потенцијал да стане регионски лидер во создавањето инклузивна и родово еднаква зелена транзиција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.