Економската елита на Балканот се собира на The Economist MeetUp: Како ќе изгледа „Светот во 2026“?

Почнува одбројувањето до најпрестижниот регионален бизнис настан, The Economist MeetUp, кој под мотото „Светот во 2026“ ќе се одржи на 18 декември 2025 година. Конференцијата ќе ги собере водечките бизнис лидери, иноватори и носители на одлуки од Југоисточна Европа за да ги дефинираат предизвиците и стратегиите за наредната година во ерата на вештачката интелигенција и променетиот пазар на труд.

 

Во фокусот на дискусиите ќе бидат суштински прашања: Како вештачката интелигенција не само што ќе дава информации, туку и ќе извршува задачи? Како компаниите ќе го задржат талентот кога платата веќе не е единствениот мотив? И зошто финансиската писменост станува клучно прашање на национална безбедност?

 

Ексклузивноста на овогодинешното издание ја потврдуваат тројцата Keynote говорници од самиот врв на регионалната бизнис заедница: Немања Мариновиќ (ArcelorMittal) од челичната индустрија, Саша Поповиќ (Vega IT) – еден од најуспешните tech-претприемачи на Балканот, и Драган Филиповиќ (Generali Osiguranje Srbija) – врвен стратег во секторот финансии и осигурување.

 

Конференцијата ќе дефинира четири клучни столба на иднината: Луѓе, дигитализација, индустрија и финансии.

 

Во сегментот Дигитални финансии и безбедност, акцент ќе биде ставен на иднината на капиталот и сајбер безбедноста. Иван Ивановски (Prime Capital) ќе дискутира за финансиската независност, нагласувајќи дека иднината им припаѓа на оние што разбираат длабоко, додека Филомена Пљаковска Аспровска (КаСис) ќе зборува за сајбер безбедноста како прашање на национална инфраструктура. Тони Јанковски (Diners Club) ќе се осврне на инвестирањето во луѓето, а Бјанка Катру (М Кеш) на финтек револуцијата. Кругот на финансиска стабилност ќе го затвори Катерина Бошевска (EOS Matrix), нагласувајќи ја потребата од европски стандарди во наплатата.

 

Клучниот предизвик – соработката меѓу технологијата и луѓето – ќе го отвори Ведран Бајер (Wonderful) со тезата за „длабока локализација“ и AI агенти кои автономно решаваат задачи. Валентина Тасева (Семос Едукација) ќе зборува за поместувањето на фокусот кон стратешки „learning consultancy“ како одговор на трансформацијата, додека Владимир Стефановски (Kiel) ќе го презентира успешниот модел на градење локален талент. За креирање организациска култура на припадност ќе зборува тренерот Павле Зимбаковски.

 

Во делот на Индустријата и одржливоста, фокусот е ставен на големите системи: Ивица Карапетров (Бучим) ќе зборува за системскиот пристап кон одржливи практики, а Стевчо Ристески (A1 Телеком) ќе ја истакне важноста на робусната дигитална инфраструктура за паметните решенија.

 

Организаторите порачаа дека „Светот во 2026 година нема да го наградува просекот. Нашата цел со овој MeetUp е да го преместиме фокусот од 'преживување на промените' кон 'дизајнирање на иднината'“. Тие ги покануваат медиумите и бизнис заедницата да бидат дел од овој дијалог кој ќе ја мапира патеката на успехот за наредната деценија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.