МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0 од 25 до 27 септември

Започнува четвртото издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0, кое ќе се одржи од 25 до 27 септември 2025 година на повеќе локации во Општина Центар - Скопје. 

Настаните ќе се случуваат во КСП Центар – Јадро, Парк на Франкофонија, Боемска 2 и Природонаучниот музеј.

Овогодинешното издание на фестивалот е во духот на солидарноста и соседството. И оваа година ве покануваме на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ за заеднички да ги запоседнеме маалските улици и да ги исполниме со убавина која недостасува. Ајде сите на креативен дијалог, на раскажување стари приказни и креирање нови. Време е да ги шараме нашите улици со спомени и уметност.

Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија, да создава простор за колективно обликување на културата, дружење, заедничко учење и забава.

Симболично, фестивалот го отвораме со Маалско мезе, закажано за 26.09 (петок), од 17:30 часот на Боемска 2. За оваа заедничка гозба не очекувајте специјална покана и црвен тепих – поканети сте сите! Маалското мезе е простор за соседите, соработниците, пријателите и сите случајни и неслучајни минувачи да седнат заедно и да споделат вкусна храна, маалски приказни и голтка надеж. Дојдете на нашата радосна трпеза, задолжително понесете добро расположение и некој домашен специјалитет кој едноставно мора да го споделите со нас.

После мезето ве чекаме на една малку поинаква дегустација. Во КСП Центар – Јадро со своја изложба ни гостуваат германската уметница и фотографка Франциска Клозе и изложба и презентација на Фестивалот Остен од Битерфелд-Волфен, Германија (26.09, 20:00, КСП Центар – Јадро). Франциска Клозе од 2010 година работи на пост-индустриски предели во природен и културно-историски контекст. Создава фотографии, уметнички книги и звучни записи од терен. Честа да ја изложиме Франциска Клозе во нашиот простор им ја должиме на Гете-институт Скопје и фестивалот ОСТЕН, со кој годинава за првпат МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ го отвораме интернационално.

ОСТЕН е фестивал за уметност и заедништво. Лоциран во германскиот град Битерфелд-Волфен, град со богато индустриско и културно наследство, ОСТЕН е замислен како мозаик во кој секој посетител може активно да учествува преку отворени работилници, уметнички активности и самостојни прошетки низ урбаниот пејзаж. Движејќи се со оваа мисла за уметност на јавен простор, заедништво и солидарност, тимот на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ налета на совршениот соработник – ОСТЕН. За оваа необична, а сепак многу логична соработка ќе дознаете повеќе на самото отворање. А таму ве очекуваат уште изненадувања!

Уште на самиот влез, традиционално очекувајте да ве дочека нов мурал, кој оваа година го доверивме во вештите раце на уметницата Христина Иваноска. На оваа наша уметница не ѝ треба специјално претставување. Нашите верни посетители досега имале прилика да се запознаат со работата, креативноста и уникатните уметнички пристапи на Христина Иваноска, која преку својата уметничка пракса ги преиспитува можностите и потенцијалите на ѕидното монументално изразување, користејќи различни методи и концепти на работа. Таа, преку својата организација Проектен простор Прес ту егзит, е ко-основачка на ЈАДРО и прв извршен директор на Асоцијацијата. Затоа особено нè израдува кога на наша покана авторката прифати да го изработи муралот на Јадро. Оваа година преку муралот фокусот се става на значењето и важноста на независната културна сцена, пред сè преку работата на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, која е основана во 2012 г., и која заедно со Општина Центар е ко-основачка на КСП Центар – Јадро. За таа цел авторката се наврати на објавите, проектите, истражувањата и публикациите кои ЈАДРО ги создаде низ годините, за да се потсетиме дека без независната мисла и вонинституционалното делување нема вистински напредок во општеството.

И секако – музика! Петочната вечер (26.09, 21:30, Боемска 2) ќе ја завршиме со настапите на Калико и Корка, два свежи и алтернативни македонски бенда кои со својата енергија и звук ќе нè забавуваат, размрдаат и ќе вдахнат здив свежина во Дебар Маало. Концертот, како и целосната фестивалска програма, има хуманитарен карактер. Па, не заборавајте да ја побарате кутијата за донации и да донирате. Сите средства собрани за време на фестивалските денови ќе бидат доставени до иницијативата SUPPORT KOCANI.

Програмата на МААЛСКИ секако започнува многу порано од оваа петочна журка. И тоа во наш стил фестивалот го започнуваме со низа работилници наменети за сите возрасти.

Прво, започнува Работилница за аматерски филм „Само Сними“ со Јане Алтипармаков, која ќе се одржи на 24 и 25 септември. Станува збор за интимна, дводневна средба каде што практиката ја надминува теоријата. Учесниците ќе ги научат основите на документарниот филм, ќе формираат мали тимови и ќе излезат во околината на Јадро за да создадат сопствени проекти кои ќе бидат претставени пред публика.

Во четврток и петок (25 и 26 септември), како дел од фестивалската програма, ќе се одржи и Работилница за креативно пишување „Приказни од Природонаучен“ со Марија Бошковска. Оваа работилница е наменета за најмладите посетители на МААЛСКИ и се реализира во соработка со ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и Природонаучниот музеј. За време на работилницата ќе го истражуваме музејот, ќе читаме песни за животни, ќе откриеме кои се животните за кои ние сакаме да пишуваме, а на крај ќе направиме и изложба од приказни.

Уште една работилница за најмладите фестивалџии е планирана да се случи во петок (26 септември), во дворот на ООУ „Коле Неделковски“. Станува збор за Работилница за костими од картон „Животински костим – Чувари на природата“ со Доротеј Нешковски и Ана Трајковска. Картони, костими, игра со бои и откривање на животинскиот свет ги очекува дечињата кои ќе учествуваат на оваа работилница.

И двете работилници за најмладите ќе имаат свое заедничко претставување на Боемска 2 со почеток во 16:00 часот на 26.09. Потоа делата ќе бидат изложени во Природонаучниот музеј и ќе може да ги погледнете за време на „Една ноќ во музејот“, позната и како Бела ноќ.

Работилниците секако не завршуваат тука. МААЛСКИ не може да започне без „Работилница за изработка за све и свашта во маало + Сам свој точкар“ под водство на Никола Писарев и Озбек Ајваз, закажана за 25 и 26 септември во Парк на Франкофонија. Дојдете заедно да ја обновиме оштетената урбана опрема, да си ги поправиме точаците или едноставно да се дружиме со Никола и Озбек и да ја посведочиме магијата на обновувањето позната како „старо купувам, ново создавам“.

Во четврток, пред КСП Центар – Јадро, од 13:00 до 17:00 часот ќе ве чека и нашата уметница Зорица Зафировска, со која секој ќе има прилика да остави свој печат врз фасадата на центарот. Работилницата „Обоени приказни“ за изработка на мурал ја воведуваме првпат оваа година и има за цел да ги вклучи сите желни и надежни уметници да вмешаат прсти во колективно уметничко дело кое ќе го краси ѕидот на Јадро цела година.Не заборавајте да понесете удобна облека, ентузијазам и креативност - останатото е лесно кога ја имате Зорица како ментор.

Вака ќе изгледаат првите два фестивалски дена, но забавата не завршува тука. На 27.09 (сабота), со почеток во 11:00 часот, се гледаме на Боемска 2 каде ќе се случи омилениот настан на нашите посетители – Маалски базар на артизани и мал саем на книги. Од вештите раце на нашите уметници и внимателно одбраните книги на нашите издавачи, секој ќе може да избере уникатен подарок за некој драг или за себе. Оваа година на базарот ќе ни гостуваат и артизани од Струга и Кочани, па не се изненадувајте ако меѓу познатите лица сретнете и нови кои ќе ве воодушеват со своите рачни изработки.   

Таму нема да недостасува музика и креативност. На Боемска 2, со почеток во 12:00 часот, ќе се одржи и Работилница за изработка на чуднозвучни инструменти, која ќе кулминира со весел Концерт на малиот оркестар „Чуднозвучни инструменти“. Ако веќе сте биле дел од оваа наша свирачка дружина, тогаш знаете дека чуднозвучните инструменти, изработени од зачудувачки и изненадувачки предмети, произведуваат најмилозвучна мелодија на која никој досега не останал рамнодушен.

Ако пак ви треба оддишка од уметничката инвазија на јавен простор која ја подготвивме, дотрчајте во КСП Центар – Јадро, каде нашите соработници Виолета Качакова и Роберт Алаѓозовски ќе ја водат Работилницата за културен менаџмент (27.09, од 12:00 до 16:00 часот).

Саботната вечер (27.09) резервирајте ја за КСП Центар – Јадро. Прво ве чекаме на експерименталниот видео-театарски диптих KRIEG / A-C-I-N-S-E-L-A-K, кој за првпат ќе биде прикажан пред македонската публика (27.09, 19:00 часот). По проекцијата следува интерактивна дискусија. Двете дела – „машка“ и „женска“ верзија – преку огледални дејства ги истражуваат темите на војната, телесната и духовна агонија, хероизмот и страдањето. Автор и режисер е Иванка Апостолова Баскар, со учество на актерите Здравко Стојмиров и Филарета Атанасова. 

Секако, не го заборавивме ниту филмското катче во овогодинешната програма на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ. Во Јадро, со почеток во 21:30 часот, ќе ги гледаме аматерските филмови направени за време на работилницата „Само Сними“. По оваа проекција, со голема радост најавуваме уште една соработка овојпат со локалниот фестивал за филм и музика „Ѕирни“. За тие што не слушнале, тимот на „Кафе и филм Котур“ во моментов го подготвува седмото издание на фестивалот. За тоа ќе оставиме тие да ви кажат повеќе, а за време на МААЛСКИ ќе се потсетиме на победниците од минатогодишното издание  како една кратка и слатка најава за она што следува во нивната фестивалска програма, која мора да ја посетите. Крајот на филмската вечер го резервиравме за анимираните филмови на младата режисерка Ема Зафировска.

И секако после филмови, не смее да ве пуштиме да си одите без добро да се изнаиграте. За фајронт маалската забава ќе се погрижи бендот Големата вода и DJ Боријан кои ќе ја претворат саботната ноќ во незаборавна маалска журка. Очекувајте енергична музика, мешавина од познати и нови звуци и атмосфера што ќе ве држи на нозе до доцна во ноќта.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.