Центар со „паметен“ систем: Поставени 19 од 30 дигитални уреди за континуирано мерење на бучавата

Општина Центар започна со имплементација на ветениот паметен систем за следење на бучавата, со цел трајно справување со проблемот на прекумерна врева во урбаната средина. Во тек е поставување на дигитални индикативни уреди на 30 локации, фокусирани на местата со најмногу поплаки од граѓаните – околу угостителски објекти, високофреквентни улици и јавни простори.

 

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека новиот систем овозможува континуирано мерење на бучавата во реално време и автоматско алармирање секогаш кога ќе се надмине дозволеното ниво.

 

„Во програмата јасно ветивме дека ќе воспоставиме смарт систем за мерење на бучавата. До овој момент веќе се поставени 19 мерни единици. Овие сензори континуирано ќе ја следат бучавата и ќе алармираат секогаш кога ќе биде над дозволеното ниво. Со ова прецизно ги мапираме најгорливите точки, а истовремено ќе обезбедиме материјал на нашите инспекциски служби за постапување,“ изјави Герасимовски.

 

Досега уредите се инсталирани на повеќе критични точки, вклучувајќи го Дебар Маало, улиците Орце Николов, Мирослав Крлежа и Отон Жупанчиќ, како и на локациите Боемска 1 и Боемска 2. До крајот на годината, мрежата ќе се прошири со дополнителни уреди на улицата Ленинова, во населбите Капиштец и Буњаковец, на Кеј 13 Ноември, кај Старата железничка станица и на локацијата Кале.

 

Проектот се базира на современ софтвер кој обезбедува точни податоци и е само почетна фаза, која ќе продолжи со дополнително поставување мерни уреди и унапредување на системот за следење на децибелите, со крајна цел подобрување на квалитетот на живеење.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.