Безбедност на прво место: 515 ученици евакуирани во симулација за земјотрес и пожар во „Песталоци“
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 03 Декември 2025
Општина Центар ја зајакнува подготвеноста за справување со кризи, организирајќи симулациска вежба за евакуација при земјотрес и пожар во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Градоначалникот Горан Герасимовски присуствуваше на вежбата, која имаше за цел да ја провери подготвеноста на учениците, наставниот кадар и персоналот за брза и координирана реакција во кризна ситуација.
„Овие обуки не смеат да бидат формалност, туку мора да станат задолжителна и редовна пракса во образовниот систем. Сите училишта треба да ги знаат протоколите за евакуцација во случај на катастрофа. По трагичниот пожар во објектот Пулс во Кочани, треба да ја кренеме свеста на највисоко ниво за важноста на ваквите подготовки“, нагласи Герасимовски.
Според сценариото, кое опфати симулиран земјотрес и нус-појава на пожар, успешно беше извршена итна евакуација на 515 ученици и персоналот на училиштето. Беше демонстрирано и укажување прва помош и згрижување на можни повредени. Во вежбата учествуваа и екипи на СВР, Црвениот крст и НОУП Центар, кои ги проверија своите протоколи и координација на терен.
Општина Центар посочи дека ваквите симулации се клучни за навремена и правилна реакција во реални услови и најави дека ќе продолжи да вложува во унапредување на безбедносните стандарди и редовни обуки во сите училишта.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












