Општина Центар ги зајакнува пензионерите: Работилница за благосостојба, социјализација и стручна поддршка
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 10 Декември 2025
Општина Центар, преку Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, ја одржа втората работилница посветена на предизвиците и благосостојбата на лицата од третото доба. Настанот, кој се одржа во просториите на урбаната заедница „Мирче Мацан“, беше насловен „Уметност на благосостојбата: Наоѓање рамнотежа и сила во секојдневието“.
Во рамките на работилницата беше прикажан краткиот филм „Шарац“, по што пензионерите имаа можност да постават прашања и да добијат експертски совети од професор д-р Софија Георгиевска од Институтот за социјална работа и социјална политика.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека ваквите работилници се пример за вистинска поддршка и помош за социјализација на повозрасните жители.
Според Герасимовски, третото доба носи тежок товар, особено за оние кои некогаш имале богат социјален живот, и токму затоа ваквите обуки и дружења се неопходни, особено кога во нив учествуваат и стручни лица.
Во фокусот на работилницата беа темите за активно живеење, здрава исхрана, социјална поврзаност и грижата за менталното здравје на повозрасните центарци. На крајот, секој од учесниците даде свој предлог за „мала храбра промена“ што може да ја направи во текот на идната недела, нешто мало, но значајно за личната благосостојба.
Општина Центар најавува дека ќе продолжи со активности кои ја поддржуваат достоинствената старост на своите повозрасни жители.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












