84 години постоење од првиот скопски партизански одред

Тричлена делегација од Општина Карпош денеска положи свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред, кој се наоѓа во населбата Карпош 3.

Пред спомен обележјето се поклонија и претставници на Сојузот на Борци на Македонија, како и од Градскиот одбор на Сојузот на борци, претставници на повеќе здруженија од општина Карпош, невладини организации, училишни делегации, претставници на политички партии и други почитувачи на борците за слобода од НОВ.

Пред присутните се обрати првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода истакна дека е особено горд на традицијата со која се одбележува споменот кон нашите херои и борци за слобода. 

Топло ве поздравувам од името на локалната самоуправа и нејзиниот Совет и сакам да напоменам дека сме посебно среќни што организацијата на Сојузот на Борци на Македонија функционира на наша територија и што нивните членови се мошне активни. Со посебно задоволство можам да констатирам дека оваа почит кон учесниците во Народноослободителната војна, преку традиционални средби ја пренесуваме и на помладите генерации, што значи дека овој „пламен“ што бил запален на денешен ден пред 84 години, нема никогаш да изгасне – посочи Јакимовски.

Тој објасни дека ништо не е посилно од вербата и исконската желба, човекот да биде слободно битие.

Сите ние треба да им се спротивставиме на оние кои сакаат да ги минимизираат придобивките од НОВ и на жртвите кои ги дале овие млади луѓе, за ние да живееме во слободна и независна Македонија. Парите не се единствен услов за добар живот, туку напротив, оние вредности кои треба да ги поседува еден човек, а конкретно за нас Македонците тоа се јазикот, културата, и самобитноста на нашиот народ – додаде Јакимовски.

Инаку, Првиот скопски народноослободителен партизански одред е всушност првата партизанска единица на НОВ во Македонија која е формирана на 22 август 1941 година, во близина на скопскиот Градски парк. Одредот броел 42 борци од кои 17 загинале во текот на НОВ, чии животи се вградени во темелите на македонската држава која се формира три години подоцна, на 2 август 1944-та. Овој одред храбро го трасираше патот до слободата, а кон него се приклучија 42 борци со мешан национален состав – Македонци, Срби, Албанци, Турци, Црногорци, Хрвати и Чеси. По војната, тројца борци од одредот (Раде Јовчевски – Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски) се прогласени за народни херои на Југославија.

 

                                                                                                    

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.