(Видео) Тошковски: Донација од САД вредна околу еден милион евра за бомбашкиот оддел на МВР, стратешкото партнерство ја зајакнува безбедноста на државата
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 18 Февруари 2026
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во кругот на министерството присуствуваше на предавање на опрема обезбедена во соработка со Американската амбасада во Македонија и програмата АТА.
Се работи за донација за опрема за потребите на Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи во Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
„Денес покажуваме дека нашето стратешко партнерство со САД е на одлично ниво. Упатувам огромна благодарност на целиот тим на американската амбасада во Македонија. Нивната лична заложба креира додадена вредност да ја обезбедиме оваа значајна опрема која е донирана од страна на американската држава. Имаме опрема којашто е донирана на единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства или „бомбашката единица“, којшто е клучна за Македонија во рамки на професионалното делување на МВР. Се работи за најсовремена опрема во вредност околу милион евра и сите припадници на единицата веќе имаат поминато соодветна обука исто така организирана од страна на амбасадата. Со ваков тип на опрема се штити човечкиот живот и на граѓаните и на професионалците во МВР“, потенцираше министерот Тошковски.
Конкретно се работи за високософистицирана опрема, во вредност од околу еден милион евра, како роботи за справување со импровизирани направи, неексплодирани минско експлозивни и други убојни средства, бомбашки одела, телескопски манипулативни раце, детектори на експлозивни средства, фибер оптички камери, рендген апарати за откривање на експлозивни средства, специјализирано возило за пренос на опремата и обуки на припадниците на Едницата за откривање и демонтирање на екслпзивни средства и направи, за користење на опремата преку програмата АТА.
Вршителот на должност амбасадор на САД во Македонија, Никол Варнс потенцираше дека оваа донација ја претставува заедничката посветеност кон засилување на капацитетите на министерството за одговор на вакви видови закани, заштита на заедницата и животите на граѓаните.
„Заедничката посветеност на министерството и амбасадата е пресудна во успехот на нашите две земји и се радувам и на идната соработка. Припадниците на Одделот за минско експлозивни средства во нивната работа се исправени пред неверојатен ризик. Тие се движат кон опасноста, за останатите да бидеме безбедни. Ги заслужуваат најквалитетните алатки и опрема, да ги извршуваат своите обврски безбедно и ефективно. Ова возило и опрема ќе го зголемат нивниот капацитет да ги детектираат, проценат и неутрализираат заканите од експлозиии, со поголема брзина, прецизност и координација. Денешната поддршка го потенцира нашиот заеднички интерес за безбедност и стабилност. Кога капацитетите на Република Северна Македонија се засилени, кога заканите се идентификувани и соодветно и брзо адресирани, придобивките се и за двете нации.
Силното билатерално партнерство како нашето е клучно да обезбеди безбедност и да се справи со предизвиците, пред тие да ескалираат. Тоа го прават партнерите од доверба.“, потенцираше вршителот на должност амбасадор Варнс.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















