Намалено е нивото на реката Вардар и нема опасност од излевање, каква е состојбата во Тетово, Скопје и Кичево
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 18 Февруари 2026
Во Тетово, патниот правец с. Тумчевиште – с. Чегране сè уште е затворен за сообраќај поради безбедносни причини.
Нивото на реката Вардар е намалено во однос на претходните три дена и во моментов нема опасност од излевање. Во текот на ноќта, во селата Нераште и Глоѓи (Општина Теарце) паднати се две бандери од Телеком. Во с. Нераште бандерата е падната покрај патот и не го блокира сообраќајот. Во с. Глоѓи бандерата е падната преку патот. Известен е Телеком, а проблемот ќе се решава во текот на денот.
Во Скопје, како резултат на силниот ветер во скопската котлина, на шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили. За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности. Во врска со поплавите од претходните денови во селата Чајлане, Буковиќ и Семениште, состојбата постепено се нормализира.
На територијата на Кичево се очекува понатамошна стабилизација на состојбата. Нема пријави за одрони на магистралните патишта и сообраќајот се одвива редовно. Бројот на евакуирани лица останува непроменет – 250 лица (63 семејства), на кои редовно им се доставуваат храна, вода и неопходни средства. Екипа од Медицинскиот центар врши здравствени прегледи и дава соодветни совети на евакуираните лица. Екипи на ЈП „Комуналец“ работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река, со поддршка од механизација на локални компании. Паралелно се врши чистење на фекалната и атмосферската канализација. ТППЕ, со поддршка на пумпи од ПО ДЗС Кичево, продолжува со испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај, 29 Ноември и други локации каде има пријави за поплавени објекти.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















