„Приказната за Силјан“ полета преку Атлантикот: Американска премиера за филмот на Тамара Котевска во Њујорк

Документарниот филм „The Tale of Silyan“ (Приказната за Силјан) на режисерката Тамара Котевска вечерва ќе ја доживее својата американска премиера во легендарниот IFC Center на Менхетен, Њујорк. Публиката во Њујорк ќе има можност да го види ова ремек дело кое веќе започна глобално да освојува награди и да буди љубопитност кај критичарите, раскажувајќи оригинална македонска приказна за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот Силјан.

 

Веднаш по проекцијата, ќе следи разговор со публиката, на кој ќе учествуваат Тамара Котевска (режисер и продуцент) и Жан Дакар (кинематографер и продуцент). Ова е директна можност американските гледачи одблиску да ја слушнат приказната за создавањето на филмот и инспирацијата зад целиот проект.

 

Светската авантура на филмот започна во Венеција, каде ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival, што беше првиот силен сигнал за неговата вредност. Потоа следеа значајни награди и номинации од релевантни фестивали како NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival во Калифорнија и многу други.

 

Најголемиот доказ за квалитетот на филмот е откупувањето на правата од страна на National Geographic Documentary Films. Со ова, „Приказната за Силјан“ влегува во двојна оскаровска трка: како македонски кандидат за Оскар во категоријата „најдобар странски филм“, додека National Geographic го пријавува филмот и во категоријата „најдобар документарен филм“. Ова повторно ја отвора шансата за двојна номинација за Оскар, благодарение на Тамара Котевска.

 

Вечерашната американска премиера е клучен момент за филмот да се сретне со американската публика, но и со критичарите и фестивалските селектори, а се очекува голем интерес и од македонската заедница во Њујорк. Приказната за Силјан, човекот и штркот што создадоа нешто многу поголемо од случајна средба, вечерва го започнува својот најзначаен лет во САД.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.