Пијанистот Бобан Мирковски вечерва во Филхармонија

Вечерва, 2 декември, во Малата сала на Македонската филхармонија, пијанистот Бобан Мирковски, еден од најистакнатите претставници на новата генерација македонски музичари, ќе одржи соло рецитал. Публиката ќе има можност да проследи исклучителна програма што ги спојува романтизмот, европскиот модернизам и американската музичка традиција, преку делата на Фредерик Шопен, Камил Сен-Санс и Џорџ Гершвин.

 

Концертот е замислен како вечер што ги поврзува трите авторски светови со различни стилови и естетики, поставувајќи го пијаното како центар на силна концертна експресија. Мирковски, кој важи за изведувач со јасна линија, прецизна техника и современ пристап кон интерпретацијата, ќе ги поврзе овие светови преку сопствениот пијанистички потпис.

 

Во пресрет на вечерашниот настап, Мирковски истакна дека програмата ја доживува како можност за ново читање на добро познатите композиции. „Оваа програма ја доживувам како патување низ три различни музички јазици — од суптилноста на Шопен, преку јасната конструкција на Сен-Санс, до слободниот ритам на Гершвин. За мене, важен е моментот кога секое дело добива живот на сцената,“ вели тој.

 

Бобан Мирковски е дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје, од класата на проф. Симон Трпчески, а постдипломските студии ги завршил кај проф. Александар Сердар. Настапувал на бројни концерти во Македонија и во странство, вклучувајќи ги Вашингтон, Валета и повеќе фестивали како „Охридско лето“. Како солист двапати се претставил со Македонската филхармонија и соработувал со уметници како Симон Трпчески и Весна Ѓиновска-Илкова. Добитник е на повеќе меѓународни награди, а има издадено и два албума: „Facing the Sun“ (2021) и „Албум“ (2023) со македонски евергрини. Паралелно со изведувачката, тој развива и педагошка кариера како професор во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

 

Концертот започнува вечерва во 20:00 часот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.