Битола домаќин на првиот „Candlelight“ концерт со Владимир Костов

Градот Битола на 6 декември ќе биде домаќин на првиот „Candlelight“ концерт, кој ветува исклучително музичко и визуелно доживување во Центарот за култура. Илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената, трансформирајќи ја традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување.

 

На ова специјално издание ќе настапи камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Како солист ќе се претстави Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти.

 

Костов, кој е роден во Битола, има блескава светска кариера со настапи на реномирани сцени како Берлинската филхармонија и Линколн центар во Њујорк. Со својата префинета техника и сценска харизма, тој претставува симбол на современата македонска виолинска школа.

 

На програмата е ексклузивен избор од ремек-дела на светската и домашната музичка литература, вклучувајќи ги „St. Paul Suite“ од Густав Холст, прочуените „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр. 1“ од Драган Шуплевски.

 

Маестра Ѓурѓица Дашиќ ја нагласи важноста на овој настан: „Овој концерт е особено значаен затоа што за првпат ја носиме уникатната атмосфера на Candlelight концертите во Битола. Под светлината на свеќите, музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно одбрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло.“

 

Концептот „Candlelight“ е светски признат тренд каде симбиозата меѓу звукот и топлата светлина на свеќите ја приближува публиката до суштината на музиката. Влезниците за ова премиерно концертно доживување се достапни преку продажната мрежа на МК Тикетс.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.