Проектот „Фотографи – Арсовски“ меѓу најдобрите за наградата на ИКОМ - Хрватска

Меѓународниот музејско-истражувачки проект „Фотографи – Арсовски“, кој е резултат на соработката помеѓу загребскиот Музеј на уметности и занаети, Културно-информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Загреб и Музејот на град Скопје, се вброи меѓу трите најдобри меѓународни проекти за годишната награда на ИКОМ - Хрватска.

 

Настанот се одржа во Хрватскиот природно-научен музеј, каде беа презентирани тринаесет хрватски музејски проекти, кои влегоа во најтесниот избор. Проектот „Фотографи – Арсовски“ влезе меѓу првите три во категоријата на меѓународни проекти за престижната награда на ИКОМ.

 

Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, изјави дека ова е исклучително значаен успех и потврда за посветеноста на КИЦ за афирмација и промоција на македонските културни вредности преку културните врски со Хрватска. Таа нагласи дека успехот е силна потврда за капацитетот на македонската културна дипломатија да комуницира со меѓународната јавност и да го продлабочува дијалогот меѓу двете земји.

 

Проектот „Фотографи – Арсовски“ е резултат на заедничка иницијатива на директорите Сањин Михелиќ (Музеј за уметности и занаети) и Мими Ѓоргоска Илиевска (КИЦ Загреб). Во октомври оваа година, во рамките на проектот, во КИЦ Загреб беше промовирана научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“, чиј автор и уредник е Ива Просоли. Воедно, беше отворена изложба посветена на претходно непознатото, но исклучително вредно фотографско творештво на ова семејство, со што се надополни значаен сегмент во историјата на македонската и хрватската фотографија.

 

Во авторскиот тим на изложбата беа Ива Просоли и Петра Галовиќ од Музејот за уметности и занаети, и Татјана Ѓорѓиовска, Оливера Џартовска Тачевска и Славица Христова од Музејот на град Скопје. Овие активности, како и изложбата „Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ одржана во мај, наредната година ќе бидат претставени и пред македонската публика во Музејот на град Скопје и во Националната галерија.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.