Наградуван перформанс на Јасна Жмак на „Прво па женско“: „this is my truth, tell me yours“ на Академска сцена
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 05 Декември 2025
Хрватската писателка и драматургина Јасна Жмак гостува на тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО со својот наградуван авторски перформанс „this is my truth, tell me yours“. Изведбата ќе се одржи на 10 декември, со почеток во 20:00 часот, на Академска сцена при Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Проектот на Жмак, која за првпат се појавува во улога на изведувачка, претставува дело кое функционира на границата меѓу стенд-ап настап и изведбено предавање. Во него, авторката го истражува својот однос кон уметничкото поле, преиспитувајќи ги авторските позиции, одговорноста и анксиозноста што тие ги подразбираат.
Централна оска на претставата е личното искуство на Жмак од 2011 година, кога, како членка на публиката, поради истрел од сценски пиштол добива трајно оштетување на слухот (тинитус и хиперакузија). Тргнувајќи од ова, Жмак истражува како уметноста ја обликува реалноста, поврзувајќи ги на прв поглед неповрзаните теми на тинитусот и патријархатот. Перформансот се занимава со прашањата за вистинитоста и репрезентацијата, партиципативноста и одговорноста, како и смислата на уметничкото творење во ерата на капитализмот.
Претставата неодамна ја доби највисоката награда Mira Trailović Grand Prix на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ во Белград, каде меѓународното жири ја истакна нејзината „автентичност, прецизност и повеќеслојност“, како и критичкиот пристап кон патријархалните и капиталистички структури во изведувачките уметности.
Јасна Жмак е писателка, драматургина и универзитетска професорка на Академијата за драмска уметност во Загреб. Таа е авторка на повеќе изданија, меѓу кои и „Оние работи – есеи за женската сексуалност“.
Билетите за изведбата се во продажба на Drugastrana.mk, а средствата од продажбата ќе бидат донирани за организацијата Support Kočani.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












