Росиниевото ремек-дело „Севилскиот бербер“ на сцената на Националната опера и балет
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 09 Декември 2025
Националната опера и балет (НОБ) ја најавува изведбата на комичното оперско ремек-дело „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, која ќе се одржи на 13 декември 2025 година, со почеток во 20:00 часот. Оваа опера, позната по својата духовитост, динамика и незаборавни арии, со децении ја плени домашната и светската публика.
Изведбата ќе биде под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, додека режијата е на Урсула Хорнер од Австрија. Сценографијата е дело на Марија Ветероска, а костимографијата на Марија Пупучевска. Како концерт-мајстор ќе настапи Јане Бакевски, а хор-мајстор е Ѓурѓица Дашиќ.
Во солистичката екипа ќе настапат меѓународни и домашни имиња, вклучувајќи ги: Роберто де Кандиа (Италија), Николина Јаневска, Чанг Ванг (Кина), Владимир Саздовски, Јанош Носек (Полска), Злата Тошевска Димовска, Драган Ампов, Кристијан Антовски и Никола Чедомировски. На чембало ќе настапи Анастасија Грговска, заедно со хорот и оркестарот на НОБ.
„Севилскиот бербер“ е едно од најпрепознатливите дела на Росини, автор кој со својата музичка виртуозност и карактеристични брзи, ритмични фрази создава неповторлива енергија. Делото блеска со брзи дијалози, духовити недоразбирања и незаборавни музички моменти, меѓу кои се истакнува славната арија на Фигаро, „Largo al factotum“. Операта ја раскажува љубовната приказна полна со неочекувани пресврти и тајни планови, претставени во препознатливиот, жив и раскошен Росиниев стил.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












