Стрип-издавачот „Бункер“ објави нов графички роман: „Чанбара 2“ – феудален Јапонија преку италијански мајстори

Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апслоутни почетници“, го издаде новиот графички роман „Чанбара 2“. Ова е втор интеграл од прочуениот стрип-серијал, кој ги опфаќа третата и четвртата приказна, а е поново остварување на италијанскиот издавачки гигант „Серџо Бонели Едиторе“.

 

Делото е создадено од врвни италијански автори: сценаристот Роберто Рекиони (долгогодишен главен уредник на Дилан Дог), цртачите Андреа Акарди (Текс Вилер) и Габриела Конту, како и Валтер Вентури.

 

Терминот „Чанбара“ на јапонски сленг означува борба со мечеви и зазема посебно место во златната ера на јапонскиот филм од средината на минатиот век. Стрипот дава минуциозен опис на феудалните прилики во Јапонија во 17. век. Покрај внимателно изградената структура на ликовите, детално се прикажани зафрлените села, куќите, оризовите полиња и ентериерот. Приказните, истовремено брутални, одмерени и елегантни, мајсторски раскажуваат за најчесните јапонски воини, следејќи ја традицијата во која мудроста постепено им се открива на оние кои се подготвени да го следат нејзиниот пат.

 

Македонското издание е печатено во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез, а преводот од италијански јазик е на Борјана Мојсовска. Издавањето на графичкиот роман е поддржано од Министерството за култура и туризам. Преводи од интегралните изданија на „Чанбара“ досега се објавени и во Франција, Шпанија, Мексико, Бразил, Србија.

 

Издавачот „Бункер“ веќе речиси 15 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови во земјава.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.