Музичкото патување од Скопје и Париз премиерно пристигнува во Битола

По исклучително успешната премиера во Скопје и меѓународната премиера во Париз, Франција, разновидниот проект „Дон Кихот во Скопје“ ќе ја има својата битолска премиера. Настанот е закажан за недела, 14 декември, во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20:00 часот.

 

Овој уникатен концертен проект, инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес, е создаден по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, и е силно поддржан од Амбасадата на Шпанија во Скопје.

 

Станува збор за концерт за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, чии автори се композиторот Дино Имери и диригентката Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават:

 

Дино Имери – пијано,

Ади Имери – гитара,

Тина Иванова – наратор и автор на текст.

 

Музиката е програмска и ја следи приказната за замисленото патување на Дон Кихот и неговиот верен придружник Санчо Панса низ современа Северна Македонија, каде што трагаат по нови авантури и се борат против „ветерниците“. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, кои се преплетуваат и создаваат специфична, автентична атмосфера.

 

Текстот на нараторот, чија авторка е Тина Иванова, се провлекува низ делото како сценски контрапункт, дополнувајќи ја и проширувајќи ја програмската музика.

 

Премиерата во Битола се реализира со поддршка од ЈОУ Културно-информативниот центар – Битола.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.