Младите филмаџии од „Филмска училница“ премиерно се претставуваат во Кинотеката

Кинотеката на Македонија и Гете-институт Скопје, во рамки на меѓународниот проект ФилмЕД, ја најавуваат специјалната проекција на кратките филмови изработени од младите учесници на работилницата „Филмска училница“. Настанот ќе се одржи утре, 13 декември (сабота), со почеток во 19:00 часот во киносалата на Кинотеката.

 

Премиерно ќе бидат прикажани пет кратки филма: „Клетвата на папагалот“, „Ти и јас“, „Роденденска митерија“, „Писмото за наставничката“ и „Девојчето на сликата“.

 

Филмските училници, кои се дел од проектот ФилмЕД, се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на своите први кратки филмови, влегувајќи во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.

 

Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. ФилмЕД, финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност не само да гледа филмови, туку и место за дијалог и критичко промислување за нив.

 

Кинотеката и Гете-институт Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED, во кој учествуваат и партнери од Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага. Кратките филмови создадени на овие училници ќе бидат прикажани пред семејствата, пријателите и пошироката јавност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.