Празнична музичка магија: „Лилјакот“ од Јохан Штраус на сцената на Националната опера и балет

Националната опера и балет (НОБ) ја најавува празничната програма во декември со две изведби на брилијантната оперета „Лилјакот“ од Јохан Штраус II. Ова ремек-дело, кое е вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија, ќе биде изведено на 23 и 26 декември 2025 година, со почеток во 19:30 часот.

 

„Лилјакот“, создаден во 1874 година од „кралот на валцерите“, е маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Партитурата зрачи со духовитост, шарм и живост, претставувајќи вистинска прослава на радоста и убавината на животот.

 

Изведбите ќе ги диригира Бисера Чадловска, додека режијата е на Љупка Јакимовска. Тимот го сочинуваат и Марија Ветероска (сценографија), Марија Пупучевска (костимографија), Саша Евтимова (кореографија), Јасмина Ѓоргеска (хор мајстор) и Климент Тодороски (концерт мајстор).

 

Во солистичката екипа настапуваат: Васко Здравков, Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски и Тихомир Јакимовски. Улогата на еден од главните солисти ќе ја толкува Јане Дунимаглоски на 23 декември, а Благој Нацоски на 26 декември. Солистите ќе бидат поддржани од хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на НОБ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.