Премиерна изведба на „Вооружениот човек“ од Карл Џенкинс во Македонската филхармонија

Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ја изведе премиерата на вокално-инструменталното дело „Вооружениот човек – миса за мир“ од британскиот композитор Карл Џенкинс. Со оркестарот ќе диригира Сашо Татарчевски, а во изведбата учествува и професионалниот хор „Про Арс“, заедно со бројни вокални солисти од домашната сцена.

 

Делото на Џенкинс е силна антивоена музичка порака што ја надминува рамката на традиционалната католичка миса, обединувајќи духовни, историски и културни елементи од различни цивилизации. Напишано по повод Милениумот, „Вооружениот човек“ е посветено на жртвите на современите воени конфликти и музички го следи патот од заканата и страдањето, до тишината и надежта за мир.

 

Во композицијата се испреплетуваат латински литургиски текстови, муслиманскиот повик на молитва, библиски и источни извори, како и поезија од светски автори, со што се нагласува универзалната димензија на човечкото страдање и солидарност. Токму оваа мултикултурна структура го прави делото едно од најизведуваните современи вокално-инструментални композиции во светот.

 

Концертот ќе го предводи Сашо Татарчевски, еден од најистакнатите македонски диригенти, со богато меѓународно искуство и значаен придонес во развојот на симфониската и хорската сцена. Настапот воедно се надоврзува и на јубилејот на хорот „Про Арс“, кој следната година ќе одбележи 15 години постоење и континуирана уметничка активност на највисоко професионално ниво.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.