Експерти на „е-општество.мк“ за предизвиците на дигиталната трансформација
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Декември 2025
Во хотелот „Холидеј Ин“ денеска се одржа 21. издание на меѓународната конференција „е-општество.мк“, организирана од Фондацијата Метаморфозис, под наслов „Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација“. Настанот ги обедини домашната и меѓународната експертска заедница, медиумите, институциите и дипломатските претставници за да ги разгледаат предизвиците и можностите на новата дигитална ера.
Извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, истакна дека дигиталната трансформација е суштинска општествена промена, а интегритетот игра клучна улога, манифестирајќи се во три димензии: институционален интегритет, етички развој на вештачката интелигенција и човечки интегритет (отпорност на граѓаните кон дезинформации и критичко размислување).
„Дигиталната трансформација мора да значи подобар живот, услуги без редици и без страв од злоупотреба на податоците и без бескрајни бирократски чекори. Ако тоа не го добиваме, тогаш не сме трансформирале ништо, само сме додале дигитален слој врз неефикасноста“, рече Јашари.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, нагласи дека дигиталната трансформација може да донесе поефикасни услуги и нови можности за бизнисите, но само доколку е заснована врз владеење на правото и почитување на човековите права. Тој информира дека повеќе од 35 институции се поврзани и споделуваат документи без хартии, а пристапот до дигитални услуги преку порталот е-услуги го олеснува животот на граѓаните.
Дипломатски претставници од ЕУ и земји-членки, вклучително заменик-амбасадорот на ЕУ, Бен Нупнау, амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, и советничката од Амбасадата на Холандија, Јантине Бакел, потенцираа дека интегритетот, заштитата на човековите права и безбедноста на информациите се клучни за успешна трансформација и развој на демократијата.
На конференцијата, учесниците учествуваа во интерактивен квиз за отпорност кон антидемократски влијанија, кој покажа дека граѓаните се свесни за сериозноста на проблемот со дезинформациите. Метаморфозис подготви и патоказ за заштита на демократијата од дезинформации, со цел координирана акција на сите чинители и регионална соработка на Западен Балкан.
Во рамки на конференцијата, беше доделена наградата „Илија Жупаноски“ за придонес во справувањето со дезинформации.
Во категоријата А, за најдобар новинарски или стручен труд од граѓански организации и поединци, наградата им припадна на Убавка Јаневска и Весна Коловска за трудот „Конти со кинески врски под британски превез ги однесе заштедите на македонските граѓани“.
Во категоријата Б, за едукативна мултимедијална содржина за млади, наградата им припадна на Игор Стојанов и Тони Михаилов за проектот „Украден идентитет: Како со вештачка интелигенција се злоупотреби името на доктор Никола Пановски?“.
Признание за посебен придонес добија и второрангираните кандидати Боби Бадаревски и Мартина Лозаноска Најдовска, како и Здружението „Акција Здруженска“, за креирање чет-ботови и прирачници кои ја зајакнуваат дигиталната писменост и отпорноста на младите кон манипулации.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












