Годишна конференција за децентрализација со фокус на дигитализацијата и одржливиот развој
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Декември 2025
Денеска се одржа седмата по ред Годишна конференција за локална самоуправа и децентрализација под наслов „Визија за реформи за одржлив развој и достапни услуги за граѓаните“. Конференцијата, која традиционално ги обединува сите засегнати страни, оваа година има особено значење поради присуството на неодамна избраните градоначалници, кои носат нови очекувања за унапредување на локалниот развој.
Перински истакна дека резултатите од локалните избори се потврда на Владината политика за силна поддршка на општините, започната уште на почетокот на мандатот, со што зад себе стојат процеси од исклучителна стратешка важност кои ја менуваат реалноста во областа на локалната самоуправа.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во своето обраќање ја истакна клучната важност на забрзувањето на дигиталните процеси. „Кога зборуваме за децентрализација, не зборуваме само за пренос на надлежности и ресурси. Зборуваме за тоа како на граѓаните да им обезбедиме брза, едноставна и предвидлива услуга, без разлика дали живеат во Центар на Скопје или во најмала рурална општина“, изјави Андоновски.
Клучни партнери и поддржувачи на процесите на децентрализација се Владите на Швајцарија и Шведска. Амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, нагласи дека локалните самоуправи се најблиску до луѓето и се во најдобра позиција да ги прилагодат јавните услуги, поефикасно да ги распределат ресурсите и да го поттикнат локалниот приватен сектор и активното граѓанско учество. Тој посочи дека децентрализацијата е во срцето на швајцарскиот политички систем, па оттаму ја црпат и соработката со Северна Македонија.
Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, ја потенцираше важноста пренесените надлежности на општинско ниво да бидат проследени со соодветно финансирање и технички капацитет. Тој се осврна на шведската техничка поддршка преку која општините успеале да мобилизираат речиси 15 милиони евра за инвестиции во инфраструктурата.
Конференцијата е организирана од Министерството за локална самоуправа, Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, и поддржана од Швајцарската Влада. Ана Чернишова, заменичка на Постојаниот претставник на УНДП, истакна дека нивната посветеност на локалната самоуправа е очигледна во опипливите резултати кои произлегуваат од проектите имплементирани со сите општини во земјата повеќе од 20 години.
Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Јулијана Павковска Боцевска, презентираше ретроспектива и планови, истакнувајќи дека низ широк инклузивен процес и со применливи меѓународни практики, сите активности на министерството се димензионирани како одговор на потребите на граѓаните.
Преку две панел сесии и четири презентации се отвори дискусија на суштински теми, вклучувајќи ги видиците за унапредена децентрализација и локално управување, надградба на локалниот развој преку иновативни и квалитетни услуги за граѓаните, годишниот извештај за финансирањето на општините за 2024 година, истражувањето за задоволството на граѓаните од локалните услуги за 2025 година и платформата за интероперабилност.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












