Централен регистар и Царина воведоа електронска размена на податоци за царински долг

Хартиените потврди за царински долг, кои досега беа неопходни за упис и промени на правниот субјект во Централниот регистар, стануваат минато. Централниот регистар и Царинската управа денеска ја промовираа новината со која податоците за царинскиот долг се разменуваат електронски во реално време, со само еден клик.

 

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, на заедничката прес-конференција со директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, истакна дека оваа новина значи огромна заштеда на време и ресурси за фирмите и граѓаните.

 

„На годишно ниво се издаваа во просек од седум до девет илјади хартиени потврди за царински долг, што значеше пет до десет дена за обработка на секое барање. Сега, граѓаните нема да мораат веќе да доаѓаат лично до централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати“, посочи Николовски.

 

Тој потенцираше дека со овој чекор, јасно се покажуваат заложбите за создавање подобри услови за водење бизнис преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата. „Бизнисот нема време за чекање, а ние како институции сме должни да демонстрираме напори кон создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде движен од зголемената ефикасност и доверба во системот“, додаде тој.

 

Директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, информираше дека успешно е завршена првата фаза од проектот за надградба на Едношалтерскиот систем, со обезбедување на доказ за платени царински давачки по службена должност во постапките за упис на промена – пренос на удел.

 

Таа нагласи дека двете институции остануваат посветени на трансформација на услугите со фокус на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии. „Продолжуваме да ги развиваме нашите услуги и ги охрабруваме сите чинители во давањето на јавни услуги за меѓусебна соработка со цел имплементација на поефикасни електронски услуги, односно градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, заклучи Стамнова.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.