Министерот Лимани во работна посета на Битола
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 16 Декември 2025
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска беше домаќин на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Главни теми на нивната работна средба беа унапредувањето на локалната социјална заштита, подобрувањето на демографската слика во градот, како и креирањето конкретни мерки за поддршка на младите со цел нивно задржување во родниот крај.
Како пример за успешна соработка меѓу локалната и централната власт, Коњановски и Лимани ја посетија новоотворената градинка „Пчеличка“, која функционира во рамките на ЈОУДГ „Мајски цвет“. Објектот, кој се наоѓа во просториите на поранешниот Дом за доенчиња, е целосно реконструиран и адаптиран со заеднички средства на Министерството и Општината. Со капацитет за 76 деца на возраст до 6 години, оваа установа нуди современи услови за престој и воспитување на најмладите битолчани.
Работната агенда продолжи во просториите на Општинската организација на Црвениот крст – Битола. Министерот Лимани оствари средба со волонтерите и вработените, при што беше запознаен со тековните програми за помош на ранливите категории граѓани. Посебен впечаток оставија реконструираните простории за услугата лична асистенција, која успешно се спроведува од 2018 година, како и капацитетите за новите сервиси „Итно копче“ и „Помош и нега во домот“, кои се планирани како стратешки цели за 2026 година.
Во рамки на Црвениот крст беше извршен увид и во градежните работи на новиот Дневен центар за активно стареење, кој наскоро ќе биде ставен во функција на повозрасните сограѓани по завршување на процесот на лиценцирање. Посетата на Битола заврши со работен состанок во меснот Центар за социјални работи, каде дополнително се прецизираа идните чекори за ефикасна социјална грижа во регионот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












