Петар Мијалков: Од улични патеки до европскиот трон – Шампионот кој го испиша златното поглавје на македонскиот мото спорт

Македонија го слави својот нов европски шампион во мотоциклизам, Петар Мијалков, човекот кој со извонредна посветеност и неверојатна храброст го освои самиот врв на БМУ Европскиот шампионат. Овој успех не е само лична победа, туку и едно од најблескавите постигнувања во историјата на нашиот мото спорт, напишано со моќни настапи и стабилни резултати во текот на целата сезона.

 

Во Штип, неговиот роден град, неодамна беше организиран свечен шампионски круг, каде љубителите на брзината и мотоциклизмот му оддадоа заслужено признание за европскиот триумф. Дополнително, неговиот придонес за промоција на градот на меѓународната спортска сцена беше награден и од Градот Штип и градоначалникот Иван Јорданов, по повод Денот на ослободувањето – 8 Ноември.

 

Приказната за Мијалков е инспирација за сите кои сонуваат за големи нешта. И покрај тоа што љубовта кон моторите ја носи од најрана возраст, финансиските и условите недостатоци го одложиле неговиот официјален почеток. Во 2017 година го купил својот прв мотор и возел по улични патеки, но дури откако обезбедил средства за тренинг, во 2023 година влегува во светот на трките. Тој е доказ дека годините не се пречка, бидејќи активно се натпреварува само три сезони.

 

Резултатите се импресивни: веќе во втората натпреварувачка година (2024), Мијалков ја освои титулата БМУ Европски вицешампион и Државен шампион на Македонија. Но, неговиот талент и напорна работа кулминираа оваа година (2025), кога го освои двојното крунисување – апсолутен шампион на БМУ Европскиот шампионат и на Државниот шампионат.

 

Петар Мијалков не е само шампион на патеката, туку и човек со силен карактер надвор од неа. Посветен е на своето семејство, сопруг на Стефанија и татко на синот Драган, а наскоро семејството очекува и принова. Токму во семејната поддршка, како што самиот вели, ја црпи силата да продолжи да се усовршува и да поставува нови, уште поголеми цели. Петар Мијалков е вистински пример дека со чесна работа, трпение и срце, соништата стануваат реалност.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.