Деби на Омари Мур во македонскиот дрес
- Детали
- Категорија: Спорт
- Создадено: 27 Ноември 2025
Македонската кошаркарска репрезентација влегува значително засилена во новиот претквалификациски циклус за Европското првенство во 2029 година, кое ќе се одржи во Естонија, Словенија, Шпанија и Грција. Селекторот Марјан Илиевски и неговиот стручен штаб може да сметаат на повратниците Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, како и на Андреј Јакимовски, кој од САД се пресели во Италија каде настапува во Еврокупот.
Најголемото засилување, сепак, е пристигнувањето на Омари Мур, еден од најдобрите играчи на шпанскиот евролигаш Валенсија. Мур не губеше време: веднаш по убедливата победа на неговиот тим над минхенски Баерн, тој пристигна во Скопје и го одработи првиот тренинг со новите соиграчи.
Од репрезентативната база во хотелот „Александар Палас“, Мур ги сподели своите први импресии, истакнувајќи го одличниот пречек од целиот тим. „Се чувствувам одлично, возбуден сум за новиот предизвик. На тренинзите се запознав со играта која ја бара тренерот и едвај чекам да заиграм на натпреварот со Азербејџан“, изјави Мур, кој ја доби довербата од селекторот Илиевски и вечерва ќе го облече дресот со македонските национални обележја.
Пред своето деби во дресот на нашата најдобра селекција, Мур изрази очекување за интересен и добар натпревар. „Првите натпревари се секогаш непредвидливи затоа што за тебе ова е нешто ново, но и доста интересни. Се надевам на добар натпревар, игра по планот и добар меч за навивачите кои ќе дојдат да ни дадат голема поддршка“, порача новиот македонски репрезентативец. Тој ги повика сите љубители на кошарката да дојдат во СРЦ „Кале“ и да го поддржат тимот на вечерашниот натпревар.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












