Македонските кошаркари ги стартуваат европските претквалификации против Азербејџан

Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва, во 19:00 часот, го започнува новиот претквалификациски циклус за пласман на Европското првенство во 2029 година, кое ќе се одржи во Естонија, Словенија, Шпанија и Грција. „Црвено-жолтите“ ја отвораат трката во СРЦ „Кале“ со натпревар против селекцијата на Азербејџан, противник со кој за првпат ќе се соочат на сениорско ниво.

 

Македонија е дел од групата „А“ во овие претквалификации, во која, покрај Азербејџан, се наоѓаат и репрезентациите на Ирска и Луксембург. Според системот на натпреварување, сигурен пласман во втората фаза обезбедуваат трите првопласирани селекции од групите, како и најдобрата второпласирана, кои потоа ќе се придружат на осумте тимови што ќе испаднат од квалификациите за Светскиот Куп.

 

Македонија во овој „прозорец“ влегува значително посилна. Селекторот Марјан Илиевски има на располагање поискусен состав, засилен со повратниците како Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, Андреј Јакимовски, но и новиот натурализиран играч, Омари Мур, кој се очекува да го има своето деби во националниот дрес.

 

Репрезентативниот бек Лука Стојановски, кој беше дел од тимот и во светските претквалификации, изрази верување во подобар настап. „Верувам дека може да бидеме подобри од претходниот 'прозорец'. Знам дека сите го сакаат тоа, затоа што секој играч што е тука, сака да даде повеќе и подобро од претходно“, потенцира Стојановски.

 

Бекот на Пелистер смета дека сплотеноста и давањето максимум се клучни за успех. „Моментално имаме поискусна екипа, Војдан се врати во тимот, игра Ѓуроски. Но, мора да излеземе на терен и да бидеме на нивото. Само така можеме да дојдеме до посакуваната цел – победата“, заклучи Стојановски.

 

Натпреварот Македонија-Азербејџан ќе биде пренесуван на МРТ3, а влезот во салата СРЦ „Кале“ за сите љубители на кошарката е слободен.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.