УЈП: Тече рокот за поднесување барања за паушално оданочување за 2026 година
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 24 Декември 2025
Управата за јавни приходи ги потсетува самостојните вршители на дејност дека до 31 декември е отворен рокот за поднесување на барањето за паушално оданочување (образец ДЛД-П) за претстојната 2026 година. Овој режим е наменет за занаетчии и лица кои дејноста ја вршат исклучиво со сопствен труд, без вработени, и на кои водењето деловни книги значително би им го отежнало работењето. Главната предност на овој систем е ослободувањето од обврската за водење деловна евиденција и поднесување даночни биланси, при што данокот се плаќа во однапред утврден фиксен износ одреден со решение од УЈП.
Правото на паушално оданочување можат да го остварат оние чии вкупни приходи не надминуваат две просечни годишни бруто-плати, додека истото не им се признава на лицата кои вршат трговска, угостителска или комисиона дејност, како и на оние кои вработуваат други лица. По поднесувањето на барањето, даночните органи вршат теренска проверка на просторот и пазарните услови, по што УЈП донесува решение најдоцна до крајот на јануари 2026 година. Обврзниците се должни месечните аконтации да ги плаќаат најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец, користејќи ги налозите доставени од Управата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















