Компаниите информирани за СЕПА: поевтини и побрзи плаќања во евра

Во организација на Народната банка, а во соработка со Стопанската комора на Република Северна Македонија, се одржа работилница посветена на практичните аспекти и предизвиците со кои се соочуваат компаниите при вршењето прекугранични плаќања во евра преку СЕПА. Настанот беше наменет за деловната заедница и имаше за цел поблиско запознавање со условите и придобивките од членството на земјата во Единствената област за плаќања во евра.

 

На работилницата учествуваа повеќе од 60 компании, претежно од извозно-увозниот сектор, за кои СЕПА има особено значење поради интензивната финансиска соработка со земјите од оваа платежна зона. Ова е прва ваква работилница организирана специјално за потребите на бизнис-заедницата по приклучувањето кон СЕПА.

 

Во рамки на настанот беа презентирани конкретни примери за функционирањето на плаќањата преку СЕПА, а се одржа и отворена дискусија со присутните компании. Притоа беа разменети искуства и беа идентификувани одредени практични предизвици со кои се соочуваат компаниите при користењето на новиот платежен систем.

 

Од Народната банка беше посочено дека СЕПА носи значителни финансиски придобивки, овозможувајќи побрзи, поевтини и потранспарентни трансакции во евра. Според изнесените податоци, надоместоците за одливните плаќања се во просек осум пати пониски, а за приливите три пати пониски за трансакции до 20.000 евра, во споредба со традиционалните СВИФТ трансфери. Ова резултира со значителни годишни заштеди и подобро управување со ликвидноста на компаниите.

 

Народната банка најави дека и во иднина ќе продолжи со вакви активности, во соработка со стопанските комори, банките и деловниот сектор, со цел целосно искористување на придобивките од СЕПА и понатамошно вклучување на македонската економија во европскиот платежен простор.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.