Финансиска поддршка на компаниите за зелена трансформација
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 04 Февруари 2026
Со финансиска поддршка од Европската Унија и со средства обезбедени од Владата, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво започнува со реализација на значаен проект за поддршка на малите и средни претпријатија во процесот на зелената трансформација.
Овој проект не е само финансиска интервенција, туку стратешка инвестиција во иднината на македонската економија. Преку него ќе се поддржат инвестиции што значат помалку отпад и загадување, поголемо користење на обновливи извори на енергија, намалување на јаглеродниот отпечаток и поефикасно користење на природните ресурси, како и воведување на меѓународни еколошки стандарди кои се предуслов за излез на глобалните пазари.
Како што често истакнуваме, овие 25 милиони евра не се само бројка во буџетот, тие се директна инвестиција во македонските компании, во нивната конкурентност, во нивната европска иднина и во економијата што ја градиме за генерациите што доаѓаат.
Целта на проектот е да ја поддржи државата во исполнување на целите за климатска неутралност утврдени во зелената агенда за Западен Балкан, преку јакнење на приватниот сектор и поттикнување на одговорни и одржливи деловни практики.
Во наредните четири години ќе бидат поддржани над 300 компании, а преку механизми на кофинансирање ќе се активираат и дополнителни приватни инвестиции. Особено значајно е што околу 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандарди за заштита на животната средина и одржливо работење, што е директна пропусница за учество во европските и глобалните ланци на добавувачи.
Вкупната вредност на проектот изнесува 25 милиони евра, од кои 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, а 7 милиони евра од државниот Буџет. Од вкупниот износ, 22 милиони евра се наменети за директна финансиска поддршка на компаниите што всушност е јасен доказ дека оваа Влада инвестира таму каде што економскиот и општествениот ефект е најголем.
Зелената трансформација не е трошок, туку инвестиција во посилна економија, поздрава животна средина и повисок квалитет на живот за граѓаните. Владата останува силен партнер на бизнис-заедницата и двигател на европската иднина на Македонија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















