Скопје ќе ја пречека елитата на европскиот балет од 21 до 29 октомври 2026 година, кога во Спортски центар Борис Трајковски ќе се одржи Европското првенство во модерен, џез и класичен балет. Настанот ќе собере над 3.500 натпреварувачи од повеќе од 30 земји, станувајќи едно од најголемите танцови случувања во Европа.
Официјален организатор е студиото „Брејк А Лег“, кое најавува деветдневна програма исполнета со натпревари, како и придружни активности. Првенството се одржува под слоганот „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, нагласувајќи ја комбинацијата на современиот танц со македонското културно наследство.
Во рамки на промотивните активности е објавено официјално видео со Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која настапувала на сцената на Болшој театарот во Москва. Видеото е режирано од Ненад Смиљковиќ, со музика од Александар Јовевски и вклучува и фолклорни играчи како симбол на традицијата.
Организаторите очекуваат илјадници гости, тренери и љубители на танцот, со што се предвидува дополнителна промоција на Скопје и Македонија како културна и туристичка дестинација. Европското првенство има за цел да го поттикне развојот на танцот како уметност и спортска дисциплина, но и да ја зацврсти позицијата на земјата на европската културна мапа.




















