Постигнат договор, булеварот „Борис Трајковски“ конечно ќе се доврши
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 17 Февруари 2026
Со искрено задоволство ја споделувам веста која со години ја чекаа повеќе од 100.000 жители што секојдневно го користат еден од најклучните сообраќајни правци во Скопје, булеварот „Борис Трајковски“, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Денеска остварив средба со стопанствениците долж трасата и постигнавме договор за забрзано спроведување на експропријацијата, процес кој во минатото останал недовршен. Со тоа, конечно се отвора патот за реализација на овој долгоочекуван, но премногу пати неисполнет проект. Овој булевар е еден од моите најзначајни приоритети, покрај останатите капитални инфраструктурни зафати во градот. Предолго беше заглавен од моите претходници, претворен во вистинска голгота за илјадници граѓани. Тоа време завршува. Во најскоро време ќе биде објавена јавната набавка, а проекциите се дека изградбата ќе биде комплетирана до крајот на оваа календарска година. Оние 850 метри голгота, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево заминуваат во минатото. На нивно место ќе никне современ булевар со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека. Мојот народ заслужува безбедност, достоинствено движење и модерна инфраструктура. Почитувани мои, свесен сум низ што поминувавте сите овие години. Свесен сум за секојдневните гужви, небезбедноста, прашината, оштетените возила, изгубеното време и нервозата што ја носи едно недовршено решение. За сите лажни ветувања. Свесен сум за разочарувањата од многуте ветувања во минатото. Но денес работите ги менуваме! Затоа ве замолувам за уште малку трпение додека траат градежните активности“, напиша на фејсбук Ѓорѓиевски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















