Градоначалникот Лукровски со најмладите карпошани: Обележување на Светскиот ден на детето
- Детали
- Категорија: Карпош
- Создадено: 20 Ноември 2025
По повод Светскиот ден на детето, 20-ти ноември, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска ги посети најмладите жители на локалната самоуправа. Во градинката „Орце Николов“ во Карпош 3, Лукровски се запозна со условите во објектот, додека децата го поздравија со стихотворби и песнички. Насмеаните лица на најмладите ја разубавија средбата, која се одржа на датумот кој глобално се одбележува како ден за акција од децата за децата, во чест на усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето.
Во текот на денешниот ден, градоначалникот Лукровски и претседателот на Советот, Христо Саракинов, ги примија и основците од училиштето „Петар Поп Арсов“ во своите работни кабинети. Учениците од шесто до деветто одделение имаа можност да постават прашања во врска со локалната самоуправа. Градоначалникот им објасни како функционира локалната власт, како и кои се неговите надлежности и приоритети.
Младите карпошани го информираа Лукровски за нивните визии, желби и очекувања Карпош да стане средина со повеќе зелени површини и почиста животна околина. Учениците и наставниот кадар упатија голема благодарност до градоначалникот Лукровски, кој на негова иницијатива, со помош на Советот, неодамна пренамени дел од општинските средства за покривање на трошоците за комуналии на ова основно училиште.
„Јас како градоначалник особено ќе се фокусирам на зголемување на културната понуда во нашата општина. Сакаме да обезбедиме поширок простор во кој ќе функционираат нови катчиња каде ќе се социјализираат младите луѓе. Мојата врата ќе биде ширум отворена за вашите предлози, сугестии и идеи. Вашата потреба ќе биде моја обврска“, им вети Лукровски на основците од Карпош. Во оваа пригода, учениците му подарија на градоначалникот цвеќе, кое од денеска ќе го краси неговиот кабинет.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












