Започна реконструкцијата на улицата „Јуриј Гагарин“ во Козле

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, заедно со министерот за транспорт, Александар Николоски, денеска извршија увид на почетокот на градежните работи на улицата „Јуриј Гагарин“ во населбата Козле. Овој проект е дел од „Проектот за поврзување на локални патишта во Македонија“, кој се реализира преку Министерството за транспорт со финансиска поддршка од Светска банка.

 

Градоначалникот Лукровски истакна дека конечно започнува реконструкцијата на улицата во должина од околу 325 метри. Градежните работи опфаќаат рушење на постоечкиот асфалт од коловозот и тротоарите, а на делот од паркингот се врши орапавување на асфалтот. Долж улицата се предвидени тротоари од бекатон. Вкупната инвестиција изнесува околу 7.500.000 денари, а изведувач е ДПТУ „СТЕНТОН ГРАДБА ДОО“. Лукровски изрази очекување дека, со добра динамика, жителите на Козле ќе можат да користат целосно нова и ревитализирана коловозна патека веднаш по новогодишните и божиќните празници.

 

Министерот Николоски го изрази своето задоволство од реализацијата на проектот и од соработката со градоначалникот Лукровски, најавувајќи дополнителни инвестиции за Карпош. „По изборот на Лукровски за нов градоначалник, во соработка со општинските служби, го откочивме овој проект со кој значително ќе се подобри инфраструктурата на овој дел од улица „Јуриј Гагарин“. Исто така, во рамките на овој проект, најавувам и инфраструктурна реконструкција на улицата „Петар Чаулев“ во населбата Влае, како и на десетина други проекти со кои ќе се подобри квалитетот на живеењето на граѓаните на Општина Карпош“, нагласи Николоски.

 

Двајцата претставници изразија оптимизам дека реконструкцијата ќе тече со брзо темпо, доколку дозволат временските услови, со што улицата „Јуриј Гагарин“ многу скоро ќе биде пуштена во реновирана употреба.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.