Националната опера и балет: Дисциплината и хиерархијата во оркестарот се неприкосновени
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 23 Јануари 2026
Националната опера и балет, како најголема културна институција во државата со над 500 вработени, функционира врз основа на јасно утврдена хиерархија, прецизно распределени улоги и доследно почитување на работната етика и дисциплина. Во оркестарот, секоја позиција е точно дефинирана, а диригентот претставува водечки авторитет, принцип што е клучен за нормалното работење на единствената оперска куќа во државата.
Директорот на институцијата истакнува дека секое отстапување од овој систем влијае врз целокупното работење на оперската куќа. Улогата на управата, како што нагласува, не е да зазема страни, туку да обезбеди ред, дисциплина и зачувување на високите уметнички стандарди. Лични нетрпеливости и конфликти меѓу вработените, кои би можеле да се рефлектираат во непочитување кон колегите или странските соработници, нема да бидат толерирани.
Во контекст на дисциплинската постапка против вработената Татијана Петрушевска, директорот наведува дека институцијата постапува строго според правилниците и законската рамка, со цел заштита на колективот, публиката и интегритетот на оперската и балетската уметност. Тој апелира до Синдикатот на културата да ги штити правата на колективот и достоинството на институцијата, без да подлегнува на влијанија од поединци.
Во врска со изнесените тврдења на Петрушевска, директорот ги оцени како невистинити и паушални, додавајќи дека постојат изјави од други вработени и од диригентот на претставата, врз основа на кои е донесен предлог за дисциплинска постапка и решение за суспензија. Тој исто така посочи дека тврдењето дека против неа не биле водени постапки не е точно, бидејќи претходно повеќе членови на оркестарот побарале заштита од нејзиното однесување.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















