Во организација на Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, од вчера започнаа тридневни професионални филмски средби и работилници со реномираниот француски продуцент Паскал Јуделевиќ. Настанот се одржува од 27 до 29 јануари 2026 година и е посветен на размена на искуства и унапредување на соработката меѓу француската и македонската филмска сцена.
На почетокот, директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски, оствари средба со директорот на Францускиот институт во Скопје и советник за култура и соработка при Амбасадата на Франција, Грегоар Жислер, како и со Паскал Јуделевиќ. По работниот состанок следуваа работилници на кои десет македонски филмски автори ги презентираа своите проекти и добија стручни совети и насоки од Јуделевиќ, како и можности за идна соработка.
Програмата продолжува денес со неколку средби посветени на проектот на Јуделевиќ „7 дена, 1 филм“, во кои учествуваат филмски професионалци од земјава. Активностите ќе завршат утре со работилница за пишување сценарио на Факултетот за драмски уметности, насочена кон основите на драматургијата, градењето на нарацијата и процесот на развој на сценарио од почетна идеја.
Со оваа програма, организаторите ја нагласуваат својата посветеност на поддршката на младите автори и развојот на филмското творештво, како и на продлабочување на културната соработка меѓу Франција и Северна Македонија, во духот на Договорот за филмска копродукција потпишан во 2021 година.




















