„Ѕвездено арпежо“: Виртуозност на харфата и класични ремек-дела во Македонската филхармонија

Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“, на кој како солистка ќе настапи истакнатата белгиска харфистка Анлин Ленартс, актуелна прва харфа на Виенската филхармонија. Концертот ќе биде под диригентска палка на холандскиот маестро Конрад ван Алфен.

 

Програмата носи спој на современа и класична музика, со изведба на делото „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго, како и Симфонијата бр. 5 од Лудвиг ван Бетовен.

 

Анлин Ленартс важи за една од водечките харфистки на денешницата, со богата меѓународна кариера и настапи во најреномираните концертни сали и со врвни оркестри ширум светот. Таа е добитничка на бројни престижни награди и има зад себе успешни дискографски изданија за Warner Classics, а нејзината уметничка дејност е препознаена и од културните институции во Белгија. Паралелно со изведувачката кариера, активно е вклучена и во педагошката работа на универзитетско и фестивалско ниво.

 

Конрад ван Алфен, пак, е диригент со силен меѓународен углед, познат по енергичниот и инспиративен пристап кон оркестрите. Како уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам, оставил значаен белег во неговиот развој, а соработувал и со бројни водечки оркестри и солисти низ Европа, Азија, Африка и Америка. Неговото искуство и препознатлив стил ветуваат концертна вечер исполнета со висок уметнички интензитет.

 

Концертот „Ѕвездено арпежо“ најавува средба на врвни интернационални уметници и репертоар што нуди длабоко музичко доживување за публиката.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.