Продукцијата и дистрибуцијата „Кино Балкан“ започна со поинтензивна дистрибуција на македонски филмови, како и на остварувања од регионот, со цел домашната публика повторно да се поврзе со локалната кинематографија.
Во фокусот на активностите изминатиов период е филмот „Приказна за Силјан“, во режија на Тамара Котевска. Остварувањето беше прикажано во повеќе од 15 градови низ земјава и бележи значителен успех, како според посетеноста, така и според бројот на локации на кои е прикажано.
Особено се истакнува пристапот на дистрибуција, кој вклучува проширување кон нови региони и културни центри, со што филмот стигнува и до публиката во помалите средини. На тој начин, оваа впечатлива приказна добива можност да допре до гледачи во сите делови на државата. Во наредниот период се најавуваат и организирани проекции за основните и средните училишта, со што филмот постепено ќе стане дел од образовниот процес – пракса што веќе е вообичаена во многу европски земји.
Од „Кино Балкан“ порачуваат дека е време македонскиот филм да го заземе заслуженото место во кино салите и повторно да се доближи до домашната публика, со соодветен третман и поголема видливост на националната продукција.




















