Економијата со стабилен чекор, инфлацијата во надолен тренд
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 04 Февруари 2026
Макроекономските движења во земјава покажуваат стабилност и умерено забрзување на економската активност, се наведува во Кварталниот извештај што Советот на Народната банка го усвои на седницата одржана на 3 февруари 2026 година. Според оценките, најголем дел од показателите се во согласност со октомвриските проекции, а инфлацијата бележи очекувано забавување.
Во извештајот се посочува дека домашната инфлација се намали под влијание на забавувањето на базичната инфлација, додека економската активност умерено се засили. Банкарскиот сектор продолжува со солиден раст на кредитите и депозитите, а девизните резерви остануваат на сигурно и соодветно ниво.
Народната банка во последниот квартал од 2025 година изврши прилагодување на оперативната монетарна рамка, со цел поефикасно управување со ликвидноста и подобра монетарна трансмисија. Промените се насочени кон почести операции и инструменти со пократок рок, без промена на основната поставеност на монетарната политика.
Годишната стапка на инфлација во четвртото тримесечје од 2025 година изнесуваше 4,2%, додека просечната инфлација за целата година е 4,1%, што е блиску до претходните очекувања. За 2026 година се предвидува натамошно забавување и постепено враќање кон историскиот просек, иако ризиците од глобалните ценовни движења, геополитичките тензии и домашната побарувачка и натаму остануваат присутни.
Економскиот раст во третиот квартал од 2025 година достигна 3,8%, што претставува забрзување во однос на претходниот период. За целата 2025 година се очекува раст од 3,5%, а во 2026 година тој би можел дополнително да се засили и да достигне 4%.
На крајот на 2025 година, девизните резерви изнесуваа 4,92 милијарди евра и, според оценките, обезбедуваат стабилност на домашната валута. Воедно, кредитната активност и депозитната база на банките продолжуваат да растат, што укажува на солидна поддршка на економијата од финансискиот сектор.
На истата седница, Советот на Народната банка разгледа и други прашања поврзани со тековното работење на институцијата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















