Ново урбано јадро во Центар: Градски Ѕид добива парк, детска и фитнес зона

Општина Центар започна со подготвителни активности за целосно уредување на просторот на потегот во Градски Ѕид, на релација од Зелено пазарче до улицата „Македонија“. Проектот опфаќа партерно и хортикултурно уредување со цел трансформација на овој дел во функционален и современ јавен простор.

 

Во рамки на работите се отстранува дотраеното детско игралиште зад објектот „Краш“, а на негово место ќе биде изграден нов, поголем простор за детска игра, опремен со современи реквизити и соодветна подлога. Паралелно, во непосредна близина е предвидено и поставување модерна фитнес зона за рекреација на граѓаните.

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредувањето на овој потег е дел од неговата програма и директен одговор на барањата на жителите, со цел просторот да одговара на потребите на урбаното јадро и секојдневниот живот на граѓаните.

 

Проектот предвидува целосно поплочување на трасата, отстранување на оштетените плочи, поставување нови рабници и урбана опрема, како и изведба на хидроизолација над подземните гаражи за трајно решавање на проблемите со протекување.

 

Со темелното хортикултурно уредување, нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки, просторот ќе прерасне во мини урбан парк. Уредувањето на овој фреквентен дел од Градски Ѕид се очекува значително да го подобри квалитетот на живеење и да создаде зелена, пријатна и поврзувачка зона меѓу пазарчето, деловниот и станбениот дел на општината.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.