Герасимовски: Продолжува бесплатниот превоз за лицата со попреченост во Центар
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 12 Февруари 2026
Општина Центар и Црвениот крст ја продолжуваат соработката за обезбедување бесплатен транспорт до здравствени установи за лицата со попреченост. Договорот беше потпишан со цел услугата да остане достапна за граѓаните на кои им е најпотребна.
Градоначалникот Горан Герасимовски нагласи дека станува збор за иницијатива што дала конкретни резултати и значително им го олеснила секојдневието на корисниците. За таа намена, од општинскиот буџет се издвоени 500.000 денари, со цел да се овозможи полесен пристап до болници и здравствени услуги.
Бесплатниот превоз е наменет за лица над 18 години кои користат ортопедски помагала – инвалидска количка, дубак или одалка – и живеат во Општина Центар, како и за лица кои поради здравствена состојба се неподвижни или во лежечка положба, иако не користат помагало. Превозот се реализира со специјализирани возила на Црвениот крст.
Закажувањето се врши најмалку 24 часа однапред, од понеделник до петок, со телефонски повик. Термините се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, во период од 8 до 16 часот. Со еден повик може да се резервира превоз за едно лице до една дестинација.
Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец до 10 пати годишно. Доколку има потреба од дополнителни возења, тие ќе се наплаќаат според важечкиот ценовник на Црвениот крст на Македонија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















