Ѓорѓиевски: Скопје излегува од колапс и влегува во фаза на стабилизација и рекорден развој

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес-конференција испрати порака дека главниот град ја напушта фазата на финансиски и институционален колапс и започнува период на стабилизација, развој и најобемна инвестициска офанзива во својата историја.

 

Тој посочи дека при преземањето на функцијата затекнал град на работ на банкрот, со блокирани сметки на јавните претпријатија, неисплатени плати, нефункционални институции и долгови кои се приближувале до 300 милиони евра. На градската сметка, како што рече, имало минимални средства, додека истовремено пристигнувале извршни побарувања во далеку поголем износ.

 

„Наместо оправдувања, решивме да работиме. Денес Скопје полека, но сигурно застанува на нозе“, истакна Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека за краток период се намалени над 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија и е воспоставена редовна исплата на платите во повеќе клучни институции.

 

Со ребалансот на Буџетот за 2025 година, според градоначалникот, е зајакната наплатата и воведена финансиска дисциплина, а Буџетот за 2026 година достигнува 5,2 милијарди денари, што претставува зголемување од 12 проценти. За првпат по подолг период, Град Скопје располага со повеќе средства отколку обврски, што овозможува засилени капитални инвестиции.

 

Инвестицискиот циклус веќе е во тек, со значително зголемување на капиталните вложувања и реализација на стотици милиони денари. Започната е изградба на 50 мини паркови и Мега паркот „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел, кој треба да стане ново зелено обележје на градот.

 

Посебен акцент е ставен на образованието, со инвестиции во училишна инфраструктура, енергетска ефикасност, дигитализација и подобрување на условите за учениците. За првпат, како што беше посочено, е обезбедена целосно бесплатна психолошка поддршка за сите ученици во градот.

 

Во инфраструктурата се откочени проекти што со години биле во застој, меѓу кои клучни сообраќајни решенија, реконструкции на булевари и улици, како и подготовки за првата подземна сообраќајница во Скопје. Паралелно, се вложува во јавните претпријатија преку набавка на нови возила, опрема и подобрување на комуналната хигиена.

 

Градоначалникот информираше и за напредокот на големи еколошки и комунални проекти, меѓу кои пречистителната станица за отпадни води, инвестиции во водоводната мрежа, обновување на зелените површини и враќање на Луна паркот, кој треба да биде завршен во 2027 година.

 

Истовремено, значително се намалуваат долговите на Градот и јавните претпријатија, а Ѓорѓиевски упати апел за редовно подмирување на даночните обврски, нагласувајќи дека секој денар во буџетот значи нови проекти и подобар квалитет на живот.

 

На крајот, тој порача дека процесот на финансиска консолидација и трансформација на Скопје допрва продолжува. Според него, целта е јасна – модерен, чист и функционален град, во кој граѓаните ќе живеат подобро и подостоинствено.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.