Карпош прослави 49 години: Одбележување со поранешните градоначалници, хуманитарни признанија и фудбалската легенда Драги Сетинов
- Детали
- Категорија: Карпош
- Создадено: 26 Ноември 2025
Општина Карпош денеска ја одбележа 49-годишнината од своето основање со Свечена манифестација која се одржа во Кинотеката на Република Северна Македонија.
Пред централниот настан, актуелниот градоначалник Сотир Лукровски оствари средба со поранешните градоначалници на општината – Сашо Кузмановски, Андреј Петров, Саша Димиќ и Стефан Богоев. На состанокот беа разменети предлози и искуства од областа на локалната самоуправа за поефикасно менаџирање со Општината.
Свечената академија започна со интонирање на химната од деветоодделенката Анастасија Јанковиќ, по што се обрати градоначалникот Лукровски, кој се осврна на 49-годишниот континуитет, заедништво и традиција.
„Во изминатите речиси пет децении, Карпош прерасна во динамична, современа и препознатлива урбана средина. Најважното е што создадовме заедница во која се слуша гласот на граѓаните, во која младите растат со можности, а повозрасните со достоинство“, истакна Лукровски. Тој изрази длабока почит кон сите генерации кои оставиле значаен белег во развојот на Карпош, нагласувајќи дека годишнината е обврска да се продолжи уште подобро, поуспешно и поодговорно.
Во рамки на традиционалната додела на признанија по повод роденденот на локалната самоуправа, Општина Карпош додели благодарници, пофалници и плакети:
Благодарници за хуманост: Доделени им се на крводарителите Стојанче Масевски, Перо Давидовски, Јовица Даниловски, Ване Чичовски, Стевча Алексов и Зоран Даниловски, кои досега дарувале крв над 50 пати, како и на административците од Општината, Виктор Божиновски, Горан Данаиловски и Олга Цубалевска.
Пофалница за најдобар полициски службеник: Ја доби полициската службеничка Елена Дракуловска од ПС Карпош, за нејзиниот голем придонес во обезбедувањето на јавниот ред и мир и заштита на граѓаните.
Плакета „Заслужен граѓанин на Општина Карпош“ за 2025 година: Му беше доделена на легендарниот фудбалски ас Драги Сетинов. Сетинов, кој важи за еден од подобрите одбранбени фудбалери на просторот на поранешна Југославија, својата професионална кариера ја градел во „Победа“, „Вардар“ и сплитски „Хајдук“.
Завршниот дел од свечената манифестација им припадна на основците од „Петар Поп Арсов“, „Владо Тасевски“ и „Вера Циривири Трена“, кои со својата бравурозна изведба и четири ритмичко-мелодични точки ги стоплија срцата на присутните гости.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












