Зимско издание на Фестивалската мрежа: Регионални филмови бесплатно за публиката низ Јадранот
- Детали
- Категорија: Култура
- Создадено: 23 Јануари 2026
Зимското издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион започна од 22 јануари и ќе трае до 5 февруари, носејќи избор на наградувани регионални филмови до публиката во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Северна Македонија. Проекциите се бесплатни и се одвиваат и во киносалите и преку онлајн платформата on demand.kinomeetingpoint.ba.
Отворањето беше одбележано со кино проекции во повеќе градови во регионот, меѓу кои Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и Скопје. Од 23 јануари, филмовите се достапни и за онлајн гледање, со исклучок на документарецот „Fiume o morte!“, кој поради технички причини нема да биде достапен онлајн во Словенија.
Годинешната програма вклучува шест регионални остварувања: „Семејна терапија“ на Соња Просенц, „Fiume o morte!“ на Игор Безиновиќ, „По летото“ на Данис Тановиќ, „Мајка Мара“ на Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави“ на Иван Мариновиќ и „Планета 7693“ на Гојко Бекуљан. Особено внимание привлекува „Fiume o morte!“, кој неодамна ја доби наградата на Европската филмска академија за најдобар европски документарен филм.
Во Скопје, во кино Синеплекс, беше прикажан филмот „Мајка Мара“, интимна драма за загубата, тагата и неочекуваната емотивна врска меѓу мајка и пријател на нејзиниот починат син. По проекцијата, Мирјана Карановиќ сподели дека процесот на создавање на филмот бил длабоко личен и емотивен, истакнувајќи дека иако филмот не е комерцијален, за неа претставува важна авторска исповед.
Карановиќ нагласи дека актерството останува нејзина животна определба, додека режијата ја доживува како креативна авантура преку која раскажува приказни од агол што ретко се гледа во филмот. Актерот Вучиќ Перовиќ и кинематограферот Игор Маровиќ исто така го истакнаа значењето на ова искуство и соработката на проектот.
Зимското издание е заедничка иницијатива на водечките филмски фестивали во регионот, меѓу кои фестивалите во Белград, Сараево, Љубљана, Загреб, Херцег Нови и „Браќа Манаки“ од Северна Македонија. Проектот се реализира со поддршка на потпрограмата MEDIA од програмата Креативна Европа, со цел зголемување на видливоста и достапноста на современата регионална кинематографија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


















